Преку бази на податоци

Чекор по чекор до истражувачка сторија, со помош на бази на податоци

Медиа Педиа – патот на влијанието преку сопствеништвото на медиумите

Во 2013 година група од тројца новинари, Сашка Цветковска, Мери Јордановска и Владо Апостолов, го започна трагањето по сопствеништвото на интернет порталите, скриени зад непотпишани текстови, отсуство на импресуми на нивните веб страници и многу пласирани неточни информации полни со навреди и клевети.

Сепак, од една навидум обична база на податоци за сопствеништвото на медиумите, Медиа Педиа прерасна во сериозна трага на моќници кои преку прокси личности и офшор компании во даночните раеви, попатно формирале и интернет портали во служба на ширење на пропагандата во корист на владејачките структури.

Базата на податоци роди повеќе истражувачки стории, а овде ќе се задржиме на реконструкцијата на една од нив, поврзана со порталот „Нетпрес“.

Како што може да се види од фотографијата подолу, пребарувањето на самата веб-страница на Нетпрес, ве носи во ќорсокак, бидејќи импресумот каде што треба да пишува од кого е составена редакцијата и која фирма е издавач на порталот стои празна.

netpress-impresum

Затоа, тука го искористивме Марнет – Македонската академска истражувачка мрежа каде што може да се провери на чие име е регистриран одреден домеин.

Со внесување на веб – страницата на порталот (netpress.mk) во пребарувачот на Марнет, се појави фирмата „Нет прес ком“ ДООЕЛ, па оттука веќе пребарувањето за тоа кој се крие зад оваа фирма станува полесно.

netpress-marnet

Извадивме тековна состојба за оваа фирма преку Централниот регистар и произлезе дека сопственик на Нет прес ком ДООЕЛ е извесна фирма Финзи ДООЕЛ, чиј сопственик е Finzy LLC со адреса во САД, на улицата е 41 State Street, Suite 106, Albany NY 12207.

Купивме тековна состојба за фирмата „Финзи“ и видовме дека како директор на фирмата се води лицето Коста Крпач („Финзи“ сега е позната по истрагите на Специјалното јавно обвинителство, а Крпач, кој беше сведок во СЈО, во април 2016 година изврши самоубиство).

Најпрво се јавивме кај главниот уредник на порталот, Дејан Николовски, кој е новинар и кој претходно се јавуваше како газда на Нетпрес. Го прашавме на кого го продал порталот и како е името на новиот сопственик, но тој кратко ни одговори дека „новиот сопственик се вика онака како што го крстил кумот“. Очигледно беше дека нешто се сака да се сокрие, па преку свои познаници, пријатели и колеги новинари успеавме да стигнеме до телефонскиот број на Крпач.

„Точно е дека е сум директор на „Финзи“, но ништо повеќе не можам да ви кажам“, ни рече тој и ни спушти слушалка, па тоа беше уште еден неуспешен обид да влеземе во трагата на вистинскиот сопственик.

Во меѓувреме, дознавме дека Крпач е академски сликар, па тоа уште повеќе ги разгори нашите сомнежи – зошто еден академски сликар би се зафатил со водење интернет портал кој претежно се бави со политика?

Извадивме и историјат на фирмата Финзи, но таму не најдовме ништо вредно за објавување со оглед на тоа што немаше големи хронолошки промени во историјата на оваа компанија.

Со помош на Google Maps се обидовме да дознаеме и што се наоѓа на улицата 41 State Street, Suite 106, Albany NY 12207, и видовме дека станува збор за огромен објект каде што се сместени многу канцеларии. Сурфајќи низ интернет наидовме и на видео од телефонски разговор во кој извесно лице ја бара истата адреса и бара да му се објасни што има на таа адреса, за на крај да добие одговор дека тоа е седиште на адвокатска компанија.

Отворање на патот кон Кипар

Она што буквално ни ја спаси истражувачката сторија и потрагата по сопственикот на Нетпрес, беше увидот во влошката во Централниот регистар. Во Централниот регистар ни донесоа папка со сите документи, од отворањето на „Финзи“ до дента кога го извршивме увидот. Така всушност и патот нè однесе од Македонија, преку САД, до Кипар.

Тогаш и видовме дека буквално сите лица што учествувале во формирањето на „Финзи“ се од Кипар, а од едно кратко пребарување на интернет нè доведе до одговорот зошто токму Кипар – бидејќи станува збор за офшор држава каде што ако отворите компанија, идентитетот ви е заштитен, парите ви се сигурни, а даноците многу помали отколку во матичната држава.

Преку увидот во влошката во Централниот регистар додјовме и до имињата на двајцата директори на на Finzy LLC - Ени Јеп (Annie Yeap) и Шејн Чараламбос (Shane Charalambous).

Ени Јеп, според податоците што ги најдовме додека ја пребарувавме на Google е основач на „Еквејшн Корпорејт Сервисис ЛТД“ (Equation Corporate Services LTD, www.equationcs.com), компанија која нуди услуги на меѓународни инвеститори, адвокати, даночни советници или други професионални услуги, кои трагаат по партнери за основање кипарски офшор компании.

Лавиринт од фирми и личности

Увидот во влошката во Централниот регистар, преку Кипар, нè врати назад во земјава и нè однесе до видни личности од македонската бизнис елита. Во документите  стоеше дека прв директор на Финзи е извесен Владислав Стајковиќ, име кое веќе ни беше познато од претходно објавените стории на кои сме работеле. Знаевме дека Стајковиќ е директор фирмата „Мобико“, но за да бидеме сигурни, уште еднаш извадивме тековна состојба за оваа фирма. Произлезе дека нашите информации биле точни. Стајковиќ е директор на „Мобико“, но уште поинтересен беше податокот дека сопственик на фирмата е Жарко Луковски, главниот оперативен директор на македонски „Телеком“.

Тука се навративме на сториите на кои работевме во неделникот „Фокус“, кога откривме дека Стајковиќ воедно е и основач на НВСП, фирма која е прв сопственик на агенцијата за обезбедување СГС, која со години наназад се поврзуваше со тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Нашиот фокус тука малку се оттргна од „Финзи“ па во годините што следеа продолживме да ги следиме сите промени во сопственичките структури на фирмите Мобико, НВСП, СГС... За да доловиме попрецизно и за да можеме и самите да ја разбереме поврзаноста меѓу фирмите и личностите што се провлекуваат во многу исти фирми, се служевме со он-лајн бесплатна алатка за визуелизација.

vizuelizacija

Во периодот што следуваше, од Централниот регистар извадиме и историјати и извршивме увид во влошките на сите компании, за да дојдеме до податокот дека НВСП поседува и други медиуми во земјава, кои исто така, известуваат во корист на владејачката структура.

Ако нешто научивме од Медиа Педиа, а може да се систематизира накратко, тоа би изгледало вака:

  • Ако некоја фирма го крие сопствеништвото во офшор држава - тука лежи сторија која вреди да се истражи.
  • Во документите од Централниот регистар, не е важно само кој е директор или сопственик во моментот - важно е и кој бил сопственик, важна е адресата на фирмата, важна е секоја промена на седиштето и секој од овие сегменти треба дополнително да се истражи.
  • Мора добро да се запаметат имињата и адресите, бидејќи не знаеме во колку и во кои други фирми ќе ги сретнеме.
  • Користењето на алатки за визуелизација е важно и за авторите на истражувањата и за читателите, за полесно да ги разберат поврзаностите меѓу фирмите и личностите.

Ова истражување беше само почетна каписла која нè натера да продолжиме да ги следиме активностите на овие компании и личности. Нашата првична интуиција дека ако некоја фирма се крие на Кипар, има и што да скрие, неколку години подоцна, се покажа како оправдана.

За голем дел од овие фирми слушавме во таканаречените „бомби“ и прислушувани разговори што ги објавуваше опозициската СДСМ во 2015 година, дел од овие лица беа помилувани од страна на претседателот Ѓорге Иванов, а дел се предмет на истрага во Специјалното јавно обвинителство.