Медиа педиа

Име на база

Медиа Педиа

Опис

Медиа Педиа е база на податоци која ги открива вистинските сопственици на медиумите

Линк до веб страна

Медиа Педиа

Медиа Педиа, база на податоци за сопствеништвото на медиумите, која ја изработуваше тим од тројца новинари во 2013 и 2014 година, прво започна како проект чија цел беше да ја мапира сопственоста на интернет порталите. Ова произлегува оттаму што голем број информативни веб-портали на своите страници немаат импресум, не е напишано кој е издавачот, ниту пак кои се авторите на текстовите што излегуваат.

Понатаму, Медиа Педиа прерасна во база која ги третира сите медиуми – печатени, електронски (телевизии, радија) и веб-портали.

Што содржи Медиа Педиа

Базата на податоци за сопствеништвото на медиумите ги содржи имињата на сите информативни медиуми (телевизии, радија, весници, интернет портали) на територијата на РМ, со податоци за фирмите и физичките лица кои стојат зад нив. За секој од сопствениците има и биографија.

Онаму каде што сопственоста е нејасна, или пак се крие во офшор држави, тоа е јасно наведено.

Податоците за сопствениците на електронските медиуми се преземани од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која редовно врши ажурирања на сите податоци. Во нивните ексел табели можат да се најдат податоците за седиштето на некоја телевизија или радио, сопственикот, директорот, главниот уредник...

Оттаму произлезе и истражувањето на Медиа Педиа за локалните телевизиски станици, кога тимот истражувачки новинари, со помош на документи од Централниот регистар, дојде до податокот дека лица блиски до владејачката структура во еден ден купиле три локални телевизии.

Оваа база на податоци ги содржи и документите од Централниот регистар – тековни состојби на фирмите кои се сопственици на медиуми, но и сите податоци за капиталната поврзаност на таа компанија.

Преку Медиа Педиа, на пример, за првпат се откри дека сопственикот на неделниот и портал „Република“ се крие во офшор даночен рај, на Белизе. Со употреба на визуелизации, голем број податоци од Медиа Педиа прераснаа во наградени новинарски истражувања кои открија шема на моќници и компании, капитални поврзани, кои од различни бизнис интереси на директен или индиректен начин се влезени во сопствеништвото на медиумите.

Зошто е важно сопствеништвото на медиумите

Секој граѓанин треба да знае од каде доаѓа информацијата што ја прима. Од исклучителна важност е транспарентната сопственост на медиумите, бидејќи ако читателите, гледачите или слушателите знаат од каде доаѓа информацијата, оставен им е просторот за избор – дали ќе ѝ веруваат или не.

Оттаму, првичната и основна цел на Медиа педиа е намерата да им се помогне на сите граѓани да разберат кој им се обраќа од малите монитори, кој стои зад весниците што ги држат в рака, чиј глас се слуша на радиото што го слушаат. А граѓаните понатаму ја имаат слободата и изборот да проценат дали и кому ќе ја дадат својата доверба.