Државен завод за статистика

Име на институција

Државен завод за статистика

Опис на институција

Задача на државните ревизори е да вршат ревизија на користењето на јавните средства и да обезбедедат информации пред јавноста за тоа како се трошеле парите од буџетот.

Линк до веб страна на институција

На прв поглед изгледа како база составена од бројки и само бројки, но статистичките податоци се повеќе од потребни за да се согледа развојот на едно општество. Колку ученици имало во основното образование во 2008 година, а колку сега, колку изнесувала просечната плата порано а колку е сега, колку граѓани се сиромашни и не можат да се ги приуштат основните потреби за живот, колку граѓани посетувале кина и музеи во минатите години, а колку сега, се само дел од бројките кои ги нуди оваа база на податоци, а понатаму можат да се анализираат и компарираат за да се види дали држвата напредува, стагнира или пак назадува во одредена област.

Дел од статистичкиот систем преку кој Државниот завод за статистика ги собира податоците се и Народната банка,  Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за хидрометеоролошки работи, Институтот за јавно здравје,  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Агенцијата за вработување.

Како да пребарувате

Со оглед на тоа што пристапот до базата е бесплатен и не е потребно да се регистрирате, пребарувањето тече прилично лесно. Во горниот дел од страницата во делот „статистики“ можат да се видат сите дејности кои Државниот завод за статистика ги обработува, почнувајќи од бруто домашниот производ, до животниот стандард, пазарот на труд, културата, образованието, шумарството, населението, цените, надворешната трговија.

Да речеме, се интересирате колкав е процентот на сиромашни лица во државата, нешто што спаѓа во доменот на животниот стандард. Одбирате „животен стандард“ во делот „статистики“ и се отвора нова страна.

zivoten-standard

Од левата страна се претставени клучните показатели и бројки - колку пари имале на располагање домаќинствата во Македонија, а колку пари потрошиле, што автоматски претставува тема сама по себе која може да се обработи – дали на домаќинствата им остануваат пари во текот на годината за да одат на одмор, да си приуштат извесен луксуз и сл. Па така, ако се видат податоците, произлегува дека домаќинствата повеќе трошеле отколку што имале на располагање, што автоматски ја отвора темата за нивната задолженост.

Во долниот десен агол, пак, се дефинирани основните поими и дефиниции – што се расположливи средства, што се употребени средства, а што линија на сиромаштија. Овие дефиниции не секогаш се напишани на разбирлив јазик, па дополнителна консултација со експерти од областа на статистиката никогаш не е на одмет за подобро да се разбере материјата.

Во горниот лев агол се прикажани соопштенијата, меѓу кои и оние за сиромаштија. Ако кликнете едно од нив, системот ве носи на нова страна.

siromastija

Тука можете да го видите последното соопштение на Заводот за статистика за сиромаштијата, да ги отворите претходните соопштенија за да направите компарација или да ги прочитате методолошките објаснувања за да се види како биле собирани податоците. Повторно ќе нагласиме дека овие соопштенија не секогаш се разбирливи за лицата кои не се бават со математички поими и статистики, но голем плус во базата е што кога ќе се отвори одредено соопштение, оставен е и телефонски број од лицето задолжено за статистичките податоци за сиромаштијата во Македонија, па секогаш има можност да му се јавите доколку постојат нејаснотии или пак, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да ги побарате „црно на бело“ методологиите и табелите за степенот на сиромаштија.

Системот дава можност и да ги симнете и снимите сите соопштенија и статистики (на пример, сиромаштијата по региони, по општини, сиромаштија по возраст, сиромаштија на деца) во .pdf формат или како Excel табели, а потоа да си „играте“ со нив, да споредувате, анализирате, да се консултирате дополнително.

Со други зборови, зад секоја „досадна“ статистика, се крие по нешто што може да го отслика развојот на едно општество.  

Што недостига во базата

Дел од податоците не се апдејтирани. Ако го земеме последниот пример со стапката на сиромаштија, може да се види дека последното соопштение е од 2012 година, што оневозможува да се направи компаративна анализа со сегашниот период.

Тогаш, не останува ништо друго освен да му се јавиме на надлежниот службеник чиј телефонски број е оставен во последното соопштение од базата и да го прашаме од кои причини со години не се мери стапката на сиромаштија во земјава и дополнително да консултираме познавачи на темата и статистичари за да се дојде до одговорот зошто сиромашните лица повеќе не се предмет на интерес на Државниот завод за статистика.

Како базата им користи на новинарите

Пред почетокот на учебната 2016/2017 година, Центарот за граѓански комуникации се посвети само на една област – бројот на ученици во основното образование. Сите податоци од Државниот завод за статистика, Центарот ги обработи и направи една мала дата – база, преку која може да се види како растел или се намалувал бројот на основците во земјава, на кои општини им се заканува опасност да останат без ученици и сл.

Оваа база, во која беше опфатена една деценија (2006-2016), понатаму беше тема на обработка од страна на новинарите, кои ги анализираа заклучоците и бројките, одеа на терен и дојдоа до заклучок дека за една деценија Македонија има 45 илјади учленици помалку, односно секој ден државата „губи“ по 12 основци.

Зошто е важна базата на Заводот за статистика

Зад „досадните“ бројки, методологии и табели, најчесто се кријат фрапантни податоци. Треба само длабоко да се навлезе во нив, да се направи споредба и сето тоа да се „зачини“ со изјави од засегнати страни, експерти и работа на терен. Потребен е многу труд, но бројките никогаш не лажат (освен ако се наштелувани, но тоа во случајов не е тема на интерес), па затоа досадните бројки преточени во разбирливи истражувања често знаат да алармираат, да придвижат одредени промени, да ни ја доловат реалноста и да поттикнат јавна дебата. Само треба да знаеме како да си играме со нив и како да ги преточиме во јазик разбирлив за сите.