Бугарија

Со оглед на фактот дека многу македонски граѓани имаат бугарски државјанства, но и компании во оваа земја со оглед на блиските трговски врски, регистарот на компании може да биде многу корисна алатка за македонските новинари. На овој линк е страницата на бугарскиот регистар каде што директно можете да пребарувате компании.

Бугарскиот регистар, за разлика од македонскиот кој не нуди ниту една бесплатна информација, ви овозможува да ги погледнете сите списи од регистрираните компании. Потребно е да одберете датум за кој што сакате да ја видите состојбата на одредена фирма и да го внесете нејзиниот матичен број. 

За  полесно да дојдете до броевите, можете да го употребувате пребарувачот на „Бивол“. Тоа е одличен пребарувач креиран од новинарската организација „Бивол“ водена од истражувачкиот новинар и програмер Атанас Чобанов. Чобанов креираше алатка која ги систематизира сите база на податоци во Бугарија во една. На овој пребарувач можете едноставно да впишете име и презиме или назив на компанија и базата ќе ги исфрли сите јавни документи со линк кој ќе ве однесе до институцијата која ја барате. Ако пребарувате по лице, ќе излезат сите друштва кои одреден македонски државјанин ги поседува или е содружник. Од страницата на „Бивол“ можете да отидете директно на страната на бугарскиот регистар кој автоматски го впишува матичниот број на фирмата и ќе можете веднаш да ги погледнете документите.