Биро за јавни набавки

Електронски систем за јавни набавки

Биро за јавни набавки

Опис на институција

Овде можете да ги следите активните огласи на институциите за доделување на јавни набавки, веќе завршените набавки, и информации за склучените договори помеѓу институцитее и добавувачите на услуги

Линк до веб страна на институција

Биро за јавни набавки

Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) со кој раководи Бирото за јавни набавки ги содржи сите тендери што ги склучуваат државните институции со приватните компании. Освен тендерите, во овој систем можат да се следат и сите огласи за доделување договори за јавни набавки, огласи за барање за прибирање на понуди, известувања за склучени договори, евиденции за прибирање на понуди, поништување на постапките, спроведување на постапките за доделување договори за јавни набавки со користење на електронски средства како и спроведување на електронски аукции и поднесување на конечна цена.

За оние фирми што учествуваат на тендери овој систем им овозможува да учествуваат на аукции директно од своите компјутери, телефони и таблети. ЕСЈН првично беше формиран со цел да се елиминира работата со хартиени документи, да се обезбеди ефикасност, економичност и транспарентност во спроведувањето на договорите за јавни набавки, да се заштедат парите на даночните обврзници и да се намалат можностите за корупција во оваа област.

За сите останати физички лица, новинари, бизнисмени, професори, експерти и заинтересирани граѓани овој систем овозможува да се следи колку пари потрошиле државните институции за набавка на различни видови стоки и услуги, колку фирми учествувале на одреден тендер, колку пари се одлеале од буџетот за да се склучи одреден договор и која фирма го добила тендерот.

Што содржи системот за јавни набавки

ЕСЈН ги содржи огласите и договорите што ги склучуваат над 1.300 државни институции во државата, почнувајќи од Владата, Собранието, министерствата, општините, агенциите, основните и средните училишта, казнено-поправните домови, судовите, државните факултети, акционерските друштва со мнозински државен капитал, јавните претпријатија и многу други.

Доколку некоја од овие институции има потреба, на пример, од набавка на храна и пијалоци, огласот што го објавува за тоа какви артикли им се потребни, кои се барањата на тендерот и слично, веднаш се објавуваат на страницата за јавни набавки. 

Овие огласи можат да ги следат сите граѓани, независно дали се регистрирани на веб-страницата или не. Регистрацијата (која се наплатува) е потребна само доколку некое правно лице сака да учествува на тендер или аукција или пак доколку сакате да ја разгледате тендерската документација и да добиете повеќе детали за јавната набавка.

Во делот на склучени договори, пак, можат да се видат сите договори што се склучени меѓу државните инстуиции и приватните фирми од 2008 година наваму.

Системот овозможува да се пребаруваат и сите договори што ги склучила одредена државна институција или пак да се пребара колку државни тендери добила извесна компанија.

Како да пребарувате

Во „папката“ во горниот дел од базата, одбирате за која година сакате да пребарате извесен тендер, оглас или јавна набавка.foto1-javni-nabavki

Ако сакате да пребарате, на пример, колку договори склучил градот Скопје за реконструкција на фасади на згради во делот „договорен орган“ пишувате Град Скопје, а во делот „предмет на договорот“ пишувате „фасади“, „фасада“, „фасад“ и сл.

foto-2-javni-nabavki

Или на пример, ако сакате да знаете колку државни тендери добила, на пример, фирмата „Бетон“ за изградба на Скопје 2014, во полето „носител на набавката“ го впишувате името на фирмата, а потоа од листата склучени договори, ги пребарувате оние кои се однесуваат на проектот Скопје 2014.

Но, освен овие јавни набавки кои имаат високи суми, постои и друг дел од базата, „Евиденција“ , каде што можат да се најдат сите набавки на државните институции до 20.000 евра. Во овој дел, можете да видите колку пари извесна институција дала за набавка на весници, за поправка на возило, за мобилни телефони, гориво и сл.

Што нема да најдете во системот

Во системот не се содржани договорите за јавни набавки со физички лица, како на пример авторските хонорари што ги добиле авторите на спомениците од проектот Скопје 2014. Во системот, согласно Законот за јавни набавки, нема договори кои се класифицирани со степен „државна тајна“ или пак ако за извршувањето на договорот се потребни посебни безбедносни мерки.  

На ЕСЈН не може да се види набавка која е поврзана со трговија со оружје, муниција и воени материјали, бидејќи тоа би можело да ги загрози основните безбедносни интереси на земјата. Во базата не се содржани ниту набавките поврзани со купување или изнајмување на земјиште, згради или друг недвижен имот, договорите за вработувања, средствата обезбедени од меѓународни организации, договорите за потребите на Армијата на Република Македонија и други договори предвидени со Законот за јавни набавки.

Освен ова, во системот не може да се види кои фирми се јавиле на извесен тендер.

Дел од овие набавки, сепак, можат да се најдат преку користењето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, доколку набавката нема степен на доверливост.

Зошто е важен електронскиот систем за јавни набавки

Сите договори што се објавуваат на оваа база се јавни пари, односно пари на даночните обврзници и сите граѓани имаат целосно право да знаат како се трошат тие. Без разлика дали станува збор за набавки од илјадници евра или пак за набавка на средства за хигиена во едно училиште, транспарентноста и отчетноста на институциите во овој дел е повеќе од важна. Истражувачките новинари, преку овој систем, лесно можат да согледаат дали одредена институција фаворизира извесна компанија да победува на поголемиот број тендери, да се пребарува колку анекси се склучени на договор со фирма која првично го добила тендерот поради најниската понудена цена, колку пари институциите потрошиле на градење, за гориво, за весници, за средства за хигиена, па дури и за храна. Па така, во секој тендер, во секој склучен договор, буквално лежи тема за секој новинар која е вредна да се провери, бидејќи сепак, станува збор за буџетски пари.