Имаш право да знаеш

Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер – правото како алатка за истражување

 

%d0%b8%d0%bc%d0%b0%d1%88-%d0%bf%d1%80%d0%b0%d0%b2%d0%be

 

Имате право да знаете не случајно е своевидна парола секогаш кога се прават кампањи за правото на слободен пристап до информации. А имате право да знаете се што прават институцииите, од тоа каде ручаат на државен трошок, какви договори склучуваат, колку трошат, кому плаќаат, колку патуваат, какви стратегиии и документи изработуваат или буквално се. Постојат и податоци кои се класифицирани и за коишто навистина постои основ да бидат такви, особено кога се работи за сензитивни зделки од областа на безбедноста. Проблемот се јавува кога институциите сакаат да сокријат податоци кои по својата суштина се јавни, но со цел функционерите да избегнат компромитирање, а често и кривична одговорност, одлучуваат да не ги дадат податоците образложувајќ дека се класифицирани.

Во последните години  фрапантно се зголеми бројот на валкани и незаконски тактики со цел да се спречи пристапот на новинарите, а со тоа и на граѓаните, до податоци од јавен карактер на институциите. Сепак, ги  охрабруваме новинарите упорно да го користат ова право и да ги затрупуваат институциите со вакви барања бидејќи на тој начин се прави поголем јавен притисок, а ние како новинари имаме должност преку тие обиди да го тестираме кредибилитетот на институциите и на оние кои ја добиле нашата доверба да ги водат.

Во оваа секција ќе ви објасниме накусо  како правото кое произлегува од Законот за слободен пристап до информации можете да биде одлична алатка за вашите истражувања. Овој закон уредува две работи: податоци кои институциите мора да ги објават јавно на своите веб страници и податоци кои граѓаните можат да ги побараат од државните и јавни институции преку образци за барање на информации.

Законот за слободен пристап на граѓаните им овозможува пристап до сите информации кои ги поседуваат институциите. Или граѓаните можат да побараат секаква писмена информација поврзана со нивната работа.

Како да упатите барање за слободен пристап до информаци

Барањето може да се упати лично, преку пошта или електронски, преку емаил. Ако се одлучите вашето барање да го упатите лично, односно усмено, тогаш треба да појдете во институцијата, да го побарате лицето кое е надлежно за слободен пристап до информации и лицето е дури должно да ви помогне да го напишете барањето доколку го немате спремно или не умеете да го напишете самите. Ако информацијата се бара на овој начин, согласно законот, институцијата е должна да ви одговори во рок од три работни дена.

Втората можност е податокот да го барате писмено по пошта, а третата опција е истото да го побарате преку електронски. Многу од институциите не се добро запознаени со законот, па може да не го примат вашето барање на емаил. Често помага кога заедно со барањето во пораката ќе наапишете и зошто се обраќате на овој начин. Во НОВАТВ ова се применува задолжително кога барањата се праќаат електронски и тогаш службениците ретко се осмелуваат да бараат од вас да ги праќате истите по обична пошта.

Почитуван/a (име на одговорното лице)

Како службено лице за инфорамции од јавен карактер согласно објавите на комисијата за слободен пристап до информации Ви ги испраќам моите барања за слободен пристап по електронски пат согласно законските можности

Член 12 (1) Барателот пристапот до информацијата може да го бара усно, писмено или во електронски запис. (2) Секој барател врз основа на барање има право на пристап до информација од имателот на информации со кои располага, и тоа со увид, препис, фотокопија или електронски запис.

Како да ги најдете имателите на информации

На веб страницата на Комисијата за заштита на правото на информации од јавен карактер во горното мени има секција наречена „Листа на иматели на информации“. Кога ќе кликнете на листата ќе можете да ја одберете институцијата која ви треба и таму ќе најдете контакт информации од службеното лице за слободен пристап во институцијата, адресата и емаил адресата.

Каде да го најдете образецот за барање информации од јавен карактер

На веб страницата на Комисијата за заштита на правото на информации од јавен карактер на десниот вертикален дел има банер „Обрасци“. Кликнувате на банерот и тој ве води на друга страница каде што можете да ги симнете обрасците.

Како да прашате

Клучно  да знаете правилно да ја побарате информацијата. Македонскиот закон предвидува дека служејќи се со правото на слободен пристап до информации можете да ја побарате секоја информација која е писмено создадена. Што значи ова и какви грешки прават новинарите?

Ниедно прашање не почнува со колку, како, зошто

Токму така. За најдобро да ви доловиме што мислиме со ова и што е тоа писмено создадена информациија ќе ви дадеме една илустрација.

Во 2011 година, додека се уште бев помлад новинар и не бев толку упатена во начинот на којшто се користи ова право, поднесов барање за пристап до информации од јавен карактер до Кабинетот на премиерот, a прашањето беше поставено вака:

Колку пари потрошил премиерот Никола Груевски во 20008, 2009 и 2010 за роуд-шоуата на кои бара инвеститори?

Одговорот којшто го добивме беше следниот:

Владата на РМ не располага со посочената информација.

А еве како истото прашање беше поставено во јули 2016 година:

Oд имателот ја барам следната информација од јавен карактер:

Одлуки за службен пат, патни налози, пресметки за службени дневници, фактури од хотели и авионски билети, фискални сметки од угостителски услуги, извештај од службена картичка за претседател на влада и членови на кабинет за сите службени патувања во годините 2011, 2012, 2013, 2014, 2015.

Овојпат одговорот којшто го добивме  беше дека информацијата е класифицирана со степен „интерно“ и дека објавувањето на истата може да предизвика одредени штетни последици по земјата и граѓаните кои се посилни од јавниот интерес. Иако овој одговор е апсурден, а во наредниот пример за користа која новинарите можат да ја добијат со овие барања ќе видите и зошто, овде само сакаме да покажеме дека овојпат владата не вели дека ја нема таа информација.

Зошто? Затоа што институциите можат да ви дадат само информации кои се создадени, односно документи кои постојат. Ако владата или било која институција не создала документ во којшто се вели дека потрошиле толку и толку пари годинава на патувања, тогаш таа информација не е создадена. Службените патувања се плаќааат согласно законите во земјата и за нив се води сметководтвена евиденција. Значи можеме да бараме само документи.

Како да откриеме во кој документ се крие информацијата која ни треба

За погорниот пример се консултиравме со сметководители. Ги прашавме како ги водат службените патувања и тие ни објаснија што да бараме. Секогаш размислувајте кој би можел да знае каде се крие информацијата.

Важно е да ги отвораме и законите. Минатата 2015 година НОВАТВ упати прашање до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Сакавме да знаеме колку пари државата им дава на име субвенции и какви се олеснувања имаат странските инвеститори со цел да истражиме дали сме ќар или зијан.

Веќе утврдиме дека не можеме едноставно да напишеме во образецот „колку не чинат странските инвестиции“. Овде немавме опција „повикај пријател“ како сметководителот, па ги отворивме сите закони кои ги уредуват овие инвестиции и таму баравме како и во кои документи се уредени овие поволности бидејќи секој закон тоа го утврдува.  Во законите откривме дека има повеќе институции кои ја уредуваат работата на индустриските зони, како Агенцијата за странски инвестиции, Министерството за економија итн, но една институција има уредени надлежности во законот да ги прибира овие информации – Дирекција за технолошки индустриски развојни зони. Па така, од нив го баравме следново:

Договори за закуп и подзакуп помеѓу основачи и корисници на ТИРЗ за годините 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014

Решенија за отпочнување со работа за корисници на ТИРЗ за годините 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014

Акти за соодветно даночно ослободување и олеснување издадени на корисниците на ТИРЗ за годините 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014

Договори за доделување државна помош за продуктивни почетни инвестиции со сите корисници за годините 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014

Годишни извештаи од основачита на ТИРЗ за годините 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013, 2014

Законите секогаш се добар извор доколку сакаме да утврдиме што конкретно треба да бараме. Ги  охрабрувам сите новинари да се консултираат и со невладините организации кои често работат во ова поле (за нив на ГетДата во секцијата Прашај Експерт) и кои можат многу да помогнат кога се бараат овие податоци. Исто така, вработените во службите во Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер можат да ви помогнат да го пополните барањето. Од моето лично искуство, вработените секогаш излегувале во пресрет, затоа не се плашете да им се јавите на телефон или да отидете лично во комисијата за помош.

Што можете да добиете

Иако во Македонија владее култура на отсуство на транспарентност и отчетност и барањата за пристап до информации многу почесто завршуваат неодговорени отколку одговорени, сепак, има институции кои одговараат, а потоа од тие одговори можат да настанат многу големи приказни.

img_4297-768x512

Таква е сторијата на НОВАТВ емитувана во емисијата ЈАВНО кадешто тема беше токму правото на информации од јавен карактер. Новинарите успеаја преку барање за слободен пристап до информации да ги добијат документите (види примерок фото горе) за службените патувања на министерот и заменик министерот во министерството за образование. Ним им беа побарани истите документи кои се бараа од Кабинетот на премиерот. МОН, за разлика од Владата, ни достави копии од сите документи и така граѓаните имаа можнот да видат како недомаќински се трошеле народните пари и во какви хотели и ресторани ручале министерот и заменикот, а плаќале со државната картичка.

Затоа не треба да се обесхрабрувате од негативние одговори. Секогаш ќе има институции кои ќе ја исполнат својата законска обврск, а вам ќе ви овозможат читана и успешна приказна од јавен интерес.

Како да поставите прашање до Европската унија

asktheeu_1

Алатката „Ask the EU“ или „Прашај ја Европа“која ја создаде меѓународната организација со седиште во Шпанија „Access Info Europe“ е една од наједноставните, најефикасните и дефинитино една од најпопуларните алатки за новинарите ширум Европа кога станува збор за испраќање на барање за слободен пристап до информации до институциите на Европската унија.

Алатката функционира многу едноставно – директно на страницата имате секција каде што можете да го поднесете барањето. Пишувате во нивната форма (на англиски или на другите јазици на членките на ЕУ), одбирате институција каде што сакате да го пратите барањето и тие имаат 15 работни дена да ви одговорат.

Кога еднаш ќе прашате, вашето прашање, но и добиениот одговор ќе бидат поставени јавно на веб страницата и сите ќе можат да ги читаат. Можете да следите и туѓи барања кои ве интересираат.

Овде има линк до една сторија на НОВАТВ која настана како производ на прашање од јавен карактер упатено токму преку овој сервис.