За алатката

Што е GetData

GetData претставува алатка за студенти по новинарство, новинари и невладини организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото. Оваа алатка ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може да се дојде до јавни информации кои можат да им бидат од корист на истражувачите.

Како може да ви помогне

Со GetData не правиме само селекција на јавно достапните бази на податоци кои можат да бидат од голема помош за новинарите кои истражуваат корупција, криминал, попречување на правдата, трговија со влијание и други аномалии во сферата на владеењето на правото и борбата против корупцијата, туку ви приложуваме и упатства како да ги користите овие информации кои ги генерираатт институциите. Исто така, GetData ви нуди и опција за пребарување на сите достапни бази на податоци во светот, а одвоивме засебен простор за дел од базите во регионот и Европа.

GetData ги поврзува новинарите истражувачи со граѓански организации кои работат во овие области од интерес со цел да поттикнеме синергија во делувањето на медиумите и НВО-секторот во борбата против корупцјата и заложбите за квалитетни реформи во сферата на владеењето на правото.

Зошто ваква алатка

Институциите создаваат огромни бази на јавни податоци и документи кои во ерата на интернет технологиите и стремежите за отворено општество стануваат полесно достапни. Истовремено, овие податоци заедно со теренската работа и аналитичките способности, во 21 век стануваатт клучни алати во работата на истражувачките новинари.

Но, и покрај привидната отвореност на институциите изразена во генерирање на илјадници документи кои се прикачуваат онлајн, остануваат предизвиците на пронаоѓање на овие документи во купот од разни документи, на селекција на важните од неважните и на изнаоѓање начини за полесно доаѓање до вистинските податоци кои им се потребни на истражувачките новинари кои работат во сферата на антикорупцијата и владеењето на правото. Институциите не секогаш важните информации ви ги ставаат „пред нос“, па затоа GetData поаѓајќи од искуствата на најпроминентните истражувачки редакции во земјата одлучи да ги селектира поважните бази во првата фаза и да ги збогати со описи, совети и упатства за тоа како да се дојде до информации.

Уште еден значаен аспект од користа на новинарите сами да умеат да ги следат и пребаруваат јавно достапните податоци е отсуството од туѓи агенди во процесот на расветлување на фактите и потрага по вистината. Новинарите често добиваат документи од трети лица или таканаречени извори. Но, дури и најдобронамерниот извор има агенда. Способноста самите да ги пребарувате и анализирате податоците и преку нив да откривате приказни ја растеретува вистината од туѓите агенди и ве прави еден и единствен сопственик на приказната која сакате да ја раскажете.

За проектот

Оваа алатка е изработена во партнерство помеѓу граѓанската асоцијација „МОСТ“ и интернет медиумот „НОВАТВ“ во рамки на проектот „Медиа платформа на застапување“  финансиран од Европската унија преку ИПА програмата за граѓанското општество и медиуми 2014.

За тимот

Автор на алатката: Сашка Цветковска

Соработник: Мери Јордановска

Веб дизајн: Елена Митревска Цуцковска

Проектен тим: (МОСТ) Теодора Поп Трајков, Лазар Кескинов, Златко Димитриоски и Борјан Јовановски (НОВАТВ)